Култура

„Македонски сновиденија“ вечерва на „Охридско лето“

14.08.2026 14:01

Националниот џез оркестар вечерва ќе настапи на сцената „Долни Сарај“ во рамки на „Охридско лето“, со концертната програма „Македонски сновиденија“. На концертот, кој започнува во 21 часот, специјален гостин ќе биде познатиот трубач од Гана, Питер Сомуа.

Националниот џез оркестар пред охридската публика ќе претстави програма во која македонскиот фолклор се поврзува со современиот џез, преку нови аранжмани на македонски народни песни и оригинални композиции инспирирани од домашната традиција.

Со оркестарот ќе диригира Владимир Николов, композитор и аранжер со меѓународно искуство и соработки со реномирани оркестри и музичари. 

Специјален гостин е западноафриканскиот трубач Питер Сомуа од Гана, добитник на наградите „Erasmus Jazz“ за млад џез талент и „Edison Jazz Award“ за дебитантскиот албум „Outer Space“. Во неговата музика се преплетуваат џезот, фанк, соулот и традиционалната ганска музика.

Програмата „Македонски сновиденија“ веќе беше претставена на европската сцена, со настапи во Будимпешта, Прага и Виена, како и во престижниот културен центар „БОЗАР“ во Брисел.

Концертот е дел од првото издание на програмата „Џез вечери“ на „Охридско лето“, која од 13 до 16 август носи шест концерти на домашни и странски џез уметници.