Струмичанец со 1,75 промили учествувал во сообраќајка во која загина 19-годишна девојка
19-годишна девојка загина, а 19-годишен мотоциклист е повреден во сообраќајна несреќа кај Турново. Во несреќата учествувале автомобил „Сеат Леон“ и мотоцикл, а алкотестирањето покажало дека 29-годишниот возач на автомобилот имал 1,75 промили алкохол во крвта. Тој е лишен од слобода.

Сообраќајната несреќа се случила синоќа околу 23:30 часот на магистралниот пат Струмица – Граничен премин Ново Село, во атарот на село Турново.
Според информациите од СВР Струмица, во несреќата учествувале патничко возило „Сеат Леон“, управувано од 29-годишниот С.Б. од Струмица, и мотоцикл без регистарски ознаки, управуван од 19-годишниот А.Д. од село Иловица.
Од здобиените повреди, на местото на несреќата починала 19-годишната К.Ј., сопатничка на мотоциклот. Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош. Возачот на мотоциклот се здобил со телесни повреди и бил пренесен во Медицинскиот центар во Струмица.
При увидот, извршен од јавен обвинител и увидна екипа на СВР Струмица, кај возачот на автомобилот било извршено алкотестирање. Биле измерени 1,75 промили алкохол во крвта, по што тој бил лишен од слобода.
Полицијата утврдила и дека 19-годишниот мотоциклист управувал нерегистриран мотоцикл и немал стекнато право за управување со моторно возило.
Сообраќајот на магистралниот пат Струмица – ГП Ново Село, кај Турново, бил во прекин во двата правци од полноќ до 2:30 часот поради увидот.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатата е предадено на обдукција.
