Пожар и евакуација на две илјади туристи во Омиш
Драматични часови во Омиш – илјадници жители и туристи се евакуирани, десетици завршија во болница, гореа куќи, автомобили и бродови. Во ек на летната сезона, едно од најпосетуваните летувалишта на Јадранот се бори со еден од најтешките пожари во поновата хрватска историја. Се чека МНР за информација за македонски туристи …

„Армагедон“! Вака пожарникарите ја опишуваат огнената ноќ во хрватски Омиш. Еден од најтешките пожари во поновата хрватска историја го претвори туристичкиот град од летна разгледница во зона на евакуација. Почнало да гори синоќа околу 20 часот и за само неколку часа огнот зафатил околу 1.000 хектари површина.
Во Клиничкиот болнички центар во Сплит медицинска помош добиле 36 лица, осуммина се испратени на интензивна.
Во најкритичните часови патот за многумина не водел кон копното, туку кон морето.
Дел од жителите и туристите биле евакуирани со бродови. Утрово во спортската сала „Рибњак“ во Омиш имало околу 1.500 евакуирани лица, а до полноќ низ прифатниот центар поминале повеќе од 2.000 луѓе. Вистинската материјална штета допрва ќе се утврдува. Огнот зад себе остави изгорени куќи, автомобили, бродови и голема површина вегетација, додека стотици семејства и туристи сè уште чекаат информација кога ќе можат безбедно да се вратат.
Во Омиш пристигна и премиерот Пленковиќ како шеф на Kризниот штаб кој веднаш се состана по што е ветена целосна помош за туристите и жителите на загрозеното подрачје. Министерот за одбрана Анушиќ рече дека војската е подготвена да помогне.
Александра Спировска
