Од летна разгледница до хаос

Македонски туристи евакуирани од Сивири, пет семејства побарале помош од МНР

14.08.2026 13:08

Македонски туристи синоќа беа евакуирани од Сивири на Халкидики поради пожарот што се приближил до населените места. Околу 480 лица биле евакуирани од плажата по морски пат. МНР информира дека пет македонски семејства побарале помош при евакуацијата.

Македонски туристи синоќа биле евакуирани од Сивири на Халкидики. Ситуацијата била критична, ноќта кога туристите меѓу кои и македонски државјани биле телефонски со пораки известени дека е потребна евакуација од регионот зафатен со пожарот. Колегата од Македонската телевизија, Оливер Димитров, кој се наоѓал на ова место за време на пожарот, вели дека летната разгледница за миг се претворила во хаос од кој морале итно да заминат.

„Моментално сме евакуирани во Фурка, инаку состојбата со пожарот во Сивири денес е значително подобра. Активен поголем пожар во моментов нема, но на повеќе места има сè уште жаришта и опасност од повторно разгорување. Пожарот вчера беше поттикнат од силниот ветер и најверојатно некои електрични инсталации и за само неколку часа стигна до населените места, кои беа евакуирани и преку копно и со драматична евакуација по морски пат. Околу 480 лица беа извлечени од плажата во Сивири“, изјави Оливер Димитров, македонски турист во Грција.

Од Министерството за надворешни работи информираат и други македонски семејства побарале евакуација од подрачјата зафатени со пожарот. МНР објави дежурен телефон за асистенција на македонските државјани во Грција.

„Според информациите од дипломатско-конзуларното претставништво во Солун, до овој момент вкупно пет македонски семејства побарале помош или асистенција при евакуација од подрачјата зафатени со пожарите во Грција. Во координација со надлежните грчки власти, тие биле упатени кон најблиските точки определени за оваа намена, каде што биле згрижени и преостанатите туристи“, соопштуваат од Министерството за надворешни работи.

Со оглед дека Халкидики е едно од омилените места за летување на Македонците, и туристичките агенции кои продаваат аранжмани за овие дестинации уште од вчера излегоа со дописи и инструкции за летувачите.

МНР ги потсетува македонските државјани кои се наоѓаат во засегнатите подрачја внимателно да ја следат состојбата и да ги почитуваат инструкциите на надлежните грчки власти кои објавија онлајн апликација за пријавување за евакуација на туристите и нивно привремено сместување во хотели во други места.

Туристичките агенции коишто имаат туристи во Грција велат дека чекаат информација од грчките власти и согласно со нив ќе преземат чекори дали туристите ќе останат или ќе бидат вратени.

Ирина Гелевска