Од одмор до агонија

Стотици патници со денови заглавени на Сицилија поради активноста на Етна

14.08.2026 14:58

Активноста на Етна и вулканската пепел ги нарушија авионските летови од Катања. Дел од патниците велат дека со денови не можат да го напуштат островот, а некои размислуваат да заминат со брод. Експертите велат, невозможно е да се предвиди колку долго и каква ќе биде оваа активност на вулканот.

Небото над Сицилија сè уште е зачадено од вулканската пепел од активноста на Етна. Дел од него ќе остане забрането за летови до утре изутрина во 2 часот, соопшти операторот на аеродромот во Катања. И тоа е лошата вест за стотици патници заглавени токму на петтиот по промет аеродром во Италија. Нивното време за одмор се претвори во напорно и истоштувачко патешествие со денови. Па некои размислуваат да го напуштат островот со брод.

„Тука сум два дена, но има луѓе што се тука веќе една недела. Треба да одам во Грција, но нема начин да стигнам таму бидејќи грчката авиокомпанија инсистира летот да биде од Катања. Можеби не ја познаваат добро Етна.“

„Ова е трагедија за цела Сицилија, бидејќи ова не е вонредна ситуација, ова сега е рутина.“

„Нема летови со ниту една авиокомпанија во наредните пет дена. Баравме да слетаме во Торино, Милано или Џенова, но нема решение за ниту еден од тие градови.“

„Размислуваме да се вратиме со брод.“

Прогнозите не се добри, првиот човек на опсерваторијата на Етна, Стефано Бранца вели, невозможно е да се предвиди колку долго и каква ќе биде оваа активност на вулканот.

„Всушност, овојпат количината на пепел е помала, но ветровите дуваат кон југ и поради тоа се создаваат проблеми на аеродромот. Апсолутно е невозможно да се предвиди колку долго ќе трае активноста на Етна“, нагласува Стефано.

Националниот институт за геофизика и вулканологија преку своите системи во реално време ја следи вулканската активност, а опсерваторијата објавува официјални ажурирања за состојбата на Етна. Но, вулканот, секако има свои природни правила.

Фиљана Кока