Трето вонредно прскање против комарци во Драчево
ЦЈЗ во соработка со Општина Кисела Вода, вечерва спроведува трета вонредна акција за дезинсекција. Третманот ќе го опфати подрачјето на населбата и селото Драчево...

Центарот за јавно здравје, во соработка со Општина Кисела Вода, вечерва спроведува трета вонредна акција за дезинсекција. Третманот ќе го опфати подрачјето на населбата и селото Драчево, со цел заштита на граѓаните и спречување на масовно размножување на комарците.
Прскањето ќе се реализира во периодот од 22:00 до 24:00 часот, при што со специјализирано возило ќе се дејствува против возрасните комарци. Оваа трета вонредна интервенција се надоврзува на досегашните активности кои започнаа кон крајот на минатиот месец со првото прскање, кое исто така беше насочено кон возрасните инсекти. Континуитетот продолжи пред два дена со втората акција, кога екипите на терен вршеа уништување на ларвите со соодветен ларвицид во каналите и влажните места.
Уште еднаш ги потсетуваме пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на своите пчелни семејства поради вечерашните активности. Истовремено, за акцијата да се реализира безбедно и ефикасно, ги замолуваме граѓаните во наведениот временски период, доколку се во можност, да ги држат затворени прозорците и вратите од своите домови.
