Изведена сложена реконструктивна операција кај пациент повреден во пожарот во Кочани
На Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје е изведена сложена реконструктивна операција кај еден од најтешко повредените пациенти во пожарот во Кочани. Во Клиниката во тек се повеќедневни стручни консултации за понатамошното лекување и реконструктивните интервенции на повредените.

На Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје се одржале повеќедневни стручни консултации за понатамошното лекување на пациентите повредени во пожарот во Кочани.
По иницијатива на директорката на Клиниката, прим. д-р Јасмина Ѓорѓиевска Павловска, во Скопје престојувал субспецијалистот д-р Игор Маљковиќ, пластичен и реконструктивен хирург со долгогодишно искуство во третманот на сложени случаи на изгореници.
За време на посетата биле извршени детални прегледи и консултации за пациентите, при што биле утврдени индивидуални планови за етапно реконструктивно лекување, со фокус на функционалното закрепнување и можностите за идни оперативни интервенции.
Како дел од стручната посета, била изведена и сложена реконструктивна операција кај еден од најтешко повредените пациенти во пожарот. Интервенцијата била реализирана со тимска работа на д-р Маљковиќ и лекарскиот тим на Клиниката, со поддршка од анестезиолозите, медицинските сестри и останатиот медицински персонал.
Од Клиниката посочуваат дека лекувањето на пациентите со тешки изгореници е долготраен процес кој продолжува и по спасувањето на животот и зараснувањето на раните. Следуваат реконструктивни операции, рехабилитација и постепено враќање на функциите и самостојноста.
Стручните соработки со експерти од регионот, додаваат од Клиниката, овозможуваат размена на знаења и искуства и примена на современи принципи во реконструктивната хирургија.
Клиниката останува посветена на континуирана грижа за повредените во пожарот во Кочани, со фокус на нивното долгорочно закрепнување и подобрување на квалитетот на живот.
