Рекорден раст на авиосообраќајот

Над два милиони патници на скопскиот и охридскиот аеродром

14.08.2026 15:49

Скопскиот и охридскиот аеродром во првите шест месеци од годинава опслужиле повеќе од два милиони патници, што е раст од 32 проценти во однос на истиот период лани. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски очекува до крајот на годината бројката да достигне четири милиони патници.

Аеродромите во Скопје и Охрид бележат историски раст на авиосообраќајот, изјави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски по работната посета на М-НАВ.

Според него, растот е резултат на новата политика за привлекување и субвенционирање директни авиолинии. Во изминатата година и половина, од двата аеродрома се воведени 28 нови авиодестинации.

Во првите шест месеци од годинава, двата аеродрома заедно бележат раст на бројот на патници од 32 проценти во споредба со истиот период минатата година.

Минатата година, како што посочи Николоски, бројот на патници достигнал три милиони, додека годинава во првите шест месеци веќе се надминати два милиони. Тој очекува со зимскиот ред на летање да бидат воведени и нови дестинации.

Според проценките на министерот, доколку бројката од четири милиони патници не биде достигната до крајот на 2026 година, тоа се очекува да се случи во 2027 година.

Николоски посочи и дека скопскиот и охридскиот аеродром се меѓу најбрзо растечките во своите категории, а во јули постигнале и нови апсолутни рекорди во авиосообраќајот.