Кривичен суд

Груби останува во домашен притвор

14.08.2026 16:18

Кривичниот суд го продолжи домашниот притвор за поранешниот вицепремиер Артан Груби, откако обвинителството поднесе обвинение. Наместо за проневера во службата, Груби ќе одговара за злоупотреба на службената положба и овластување во случајот со Државна лотарија.

Артан Груби останува во домашен притвор до 13-ти септември. Од Кривичниот суд соопштија дека мерката е продолжена по поднесувањето на обвинението. Наместо за проневера во службата, на поранешниот вицепремиер ќе му се суди за злоупотреба на службената положба и овластување.

„При одредување на правната квалификација во поднесеното обвинение, надлежниот јавен обвинител се водеше од доказите прибрани во текот на постапката“, велат од Основното јавно обвинителство.

Процесот за Груби почнува на 24-ти август. Со него, на обвинителна клупа ќе седнат уште седуммина. Се товарат за злоупотреби во државната лотарија. Според обвинението, во 2023 и 2024 година заеднички овозможиле купување на видеолотариски терминали, иако знаеле дека институцијата нема право самостојно да приредува игри на среќа.

Партиите со меѓусебни обвинувања и за овој случај. Од владејачката Вреди тврдат дека за Ахмети доаѓаат тешки времиња и оти Груби е „црната кутија“ на ДУИ.

„Улогата на Ислам Абази е многу важна за идните разврски во ДУИ, каде што очајно се обидуваат да создадат впечаток во јавноста дека ја контролираат ситуацијата, иако таа одамна им е надвор од контрола. Односно, од тоа што прозборел Артан ќе зависи кој ќе оди курбан“, велат од партијата на Меџити и Касами.

За интегративците, обвинението е политичко, откако по две години истрага, не бил обезбеден ниту еден доказ. Побараа транспарентна постапка и меѓународен надзор над случајот.

Штетата во овој случај се проценува на повеќе од осум милиони евра.

Викторија Милевска