Водата е безбедна за пиење
По речиси еден месец, гостиварци повторно можат да наполнат чаша вода директно од чешма. Последните анализи ја тргнаа забраната - водата е микробиолошки и бактериолошки исправна.

Водата во Гостивар е безбедна за пиење. Трите последователни лабораториски анализи покажале дека таа е микробиолошки и бактериолошки исправна. За да се утврди исправноста на водата, примероци биле земени од седум места во градот. Но, пред да се употребува, треба да истече и рационално да се користи – апелира Агенцијата за храна и ветеринарство.
Неколку функционери се напија вода од чешма од градскиот водовод – како доказ дека граѓаните се безбедни.
Уште минатата недела во водата не биле детектирани бактерии, но имало зголемени присуство на хлор поради дезинфекција и хиперхлорирање на водоводната мрежа. Кризата со водата е завршена, во наредниот период ќе има зачестени проверки на водата од градскиот водовод – велат од Кризниот штаб.
Дел од жителите на Гостивар ќе продолжат да купуваат пакувана вода, други пак задоволни што по четири недели ќе можат да се напијат од чешмите во домовите.
Забраната на водата за пиење во Гостивар стапи на сила на 17-ти јули. Во изминатиов период околу 5.000 жители побараа лекарска помош со симптоми на труење од водата којашто беше загадена со фекални бактерии. Во градот беше прогласена епидемија и кризна состојба.
По речиси еден месец водата во Гостивар е безбедна за пиење, откако анализите покажаа дека таа е микробиолошки и бактериолошки исправна.
Андријана Ѓурческа
