Просветните работници нема да штрајкуваат - Продолжува социјалниот дијалог
МОН ја поздрави одлуката на СОНК за продолжување на дијалогот и за ставање на штрајкот во мирување. Велат преку преговори ќе се надминат несогласувањата...

Просветните работници нема да штрајкуваат. Ваква одлука донел Советот на СОНК по средбата со министерот за образование. Поинтензивни преговори и нивна завршница во позитивна насока до крајот на годината, е еден од заклучоците. Од Министерството за образование информираат дека ќе продолжат со ефикасен дијалог кој, според институцијата, резултирал со унапредување на бројни состојби.
МОН ја поздрави одлуката на СОНК за продолжување на дијалогот и за ставање на штрајкот во мирување. Велат преку преговори ќе се надминат несогласувањата.
Пред одлуката на СОНК, на средбата во минстерството се разговарало за сите барања на синдикалците.
„Се разговараше конструктивно за сите прашања, неможам да ви кажам кои беа прифатени кои одбиени бидејќи ги приближивме недоразбирањата и ставовите и убеден сум дека доколку се има волја од двете страни ќе се најдат заедно прифатливи решенија.“, рече Јаким Неделков, претседател на СОНК.
Министерството потврди дека прифаќа дебата за унапредување на системот на екстерното тестирање, за зголемување на знаењето на учениците и подигнување на објективноста на наставниците при оценувањето. Велат дека за оваа календарска година ќе има зголемување на платите на вработените за четири отсто што е веќе проектирано со буџетот, а за во иднина тоа ќе зависи од можностите во државната каса.
Изминатите денови, сите сигнали упатуваа на тоа дека барањата наместо на улица ќе се решаваат на маса. СОНК ја губеше поддршката за штрајк. Директори, наставници и родители се изјаснија дека нема да го поддржат штрајкот и оти училиштата нормално ќе работа. Претходно, се иземаа и неколку ограноци на СОНК и на конфедерацијата на самостојни синдикати. Според нив, штрајкот бил дел од борбата за превласт во рамките на Синдикатот.
Наташа Гркова-Петрушевска
