Разорен земјотрес од 7,7 степени по Рихтер ја погоди Индонезија
Драматично утро во Индонезија во близина на туристичкиот остров Флорес. Земјотрес од 7,7 степени по Рихтер ја погоди земјата, има жртви и повредени. По големиот удар биле регистрирани повеќе од сто последователни потреси. Спасувачките екипи трагаат под урнатините. Властите ги повикаа жителите да останат внимателни.

Разорен земјотрес со магнитуда од 7,7 степени по Рихтер го погоди брегот на Индонезија. Силниот потрес предизвика уривање на објекти, одрони, прекини на електричната енергија и во сообраќајот. По големиот удар биле регистрирани повеќе од сто последователни потреси. Властите ги пребројуваат жртвите и повредените, се трага по исчезнати. Потресот се случил во раните утрински часови во близина на туристичкиот остров Флорес.
„Тресењето беше доста силно, па сите истрчавме надвор. Некои луѓе сè уште спиеја, се разбудија исплашени, истрчаа надвор збунето“, рече жител.
„Никогаш не сум почувствувала ваков земјотрес. Обично, земјотресите се само земјотреси, но овој траеше долго“, рече друг жител.
„Бевме на петтиот кат. Трчавме барајќи го излезот за итни случаи. Успеавме да се спуштиме еден кат надолу, но токму кога се спремавме да се спуштиме понатаму, камењата веќе беа расфрлани насекаде, а тресењето беше сè уште интензивно“, додаде трет.
По земјотресот, беше издадено предупредување за цунами за повеќе крајбрежни области. На неколку места беа регистрирани бранови пониски од еден метар, а предупредувањето беше укинато околу три часа подоцна. Властите сепак ги повикаа жителите да останат внимателни поради силните последователни потреси.
„Пронајдовме жртви. Сè уште чекаме извештај за жртвите од други области“, изјави Фатхур Рахман – раководител на канцеларијата за пребарување и спасување
Индонезија се наоѓа на таканаречениот „Пацифички огнен прстен“, едно од најактивните сеизмички подрачја во светот, поради што земјата често е погодена од силни земјотреси и вулканска активност.
Маријана Димовска
