Македонија

Бројот на заболени секојдневно се зголемува

15.08.2026 17:06

Се повеќе заболени со западнонилска треска. Во пет скопски општини на сила е епидемија. За една недела два смртни случаја, како последица на вирусот. Продолжуваат активностите на општините и теренското прскање против комарци. Лекарите со апел ...

Секојдневно се зголемува бројот на заболени со западнонилска треска во Скопје. Од Центарот за јавно здравје велат – има три нови потврдени случаи со што бројката се искачи на 34. Вирусот за прв пат оваа сезона е детектиран и кај жител од Арачиново. Најмногу случаи бележи Кисела Вода и Аеродром – речиси половина се од Драчево.

„Нов случај денеска имаме во Арачиново, прв пат денеска е детектирано дека има и од таму. има канали, базени, застојани води можеби тоа е причината. Има услови за размножување на комарците. Луѓето треба да употребуваат репеленти да носат облека со долги ракави, долги ногавици.“, изјави Љуљзиме Бајрами – епидемиолог во Центарот за јавно здравје – Скопје.

Изминативе денови е спроведена вонредна дезинсекција против ларви, а се прска и против комарци. Епидемиолозите сметаат дека со уништување на ларвите треба да се почне порано – уште во март или во април . но, потребен е и мониторинг на ефикасноста на препаратите – да се утврди дали комарците станале отпорни на средствата со кои се третираат.

„За идната година ќе треба да се планира да почне порано ларвицидната дезинсекција и може ќе треба да се направи анализа, може комарците се отпорни на овие средства, може ќе треба да се променат средствата, но за тоа ќе видиме идната година. Годинава е направено се по програма како што треба“, изјави Љуљзиме Бајрами – епидемиолог во центарот за јавно здравје – Скопје.

На Инфективната клиника се лекуваат 24 пациенти со западнонилска треска, седуммина се во потешка состојба. За само една недела, битката со вирусот ја загубија двајца скопјани на 83 и 72 – годишна возраст. Двјцата имале и други заболувања. Според Центарот за јавно здравје, починатите се од Драчево и од Маџари .

Поради зголемениот број на заразени со западнонилска треска, здравствените власти прогласија епидемија во пет скопски општини. Надлежните апелираат граѓаните да бидат внимателни и да се заштитат од комарци.

Андријана Ѓурческа