Свечено пуштена во употреба новата спортска сала во ПОУ „Круме Кепески“ во Припор
Учениците од подрачното основно училиште „Круме Кепески“ во Припор од денес добија современ затворен спортски објект каде што ќе можат непречено да ја одржуваат наставата по физичко воспитување...

Учениците од подрачното основно училиште „Круме Кепески“ во Припор од денес добија современ затворен спортски објект каде што ќе можат непречено да ја одржуваат наставата по физичко воспитување, да спортуваат и да се развиваат. Денес свечено беше пуштена во употреба новата училишна спортска сала. На настанот присуствуваа премиерот, проф. д-р Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска. Овој капитален проект е реализиран преку успешна соработка меѓу локалната самоуправа и централната власт. Имено, тој се реализираше со средства од Владата на Република Македонија преку унгарскиот кредит, фаза 2.
Градоначалничката Стаменкоска Трајкоска истакна дека Општина Кисела Вода континуирано работи на подобрување на условите во образованието, потсетувајќи на тековните проекти и мерки за поддршка на учениците.
„Огромно е задоволството што денеска овде, во подрачното училиште „Круме Кепески“ во Припор, ја отвораме новата спортска сала, место каде што учениците ќе имаат можност правилно да се развиваат и да ги следат часовите по физичко образование. Особено ме радува фактот што преку соработката со Владата и ресорното министерство реализиравме проект вреден речиси 20 милиони денари. На површина од околу 440 квадратни метри добивме прекрасна сала изградена според НБА стандардите. Ова беше долгогодишно барање на жителите од населбата Припор, со кое решаваме уште еден децениски проблем. Воедно, квалитетно се работи на проширување на основните училишта „Невена Георгиева Дуња“ и „Кирил Пејчиновиќ“, но и на изградба и реновирање на повеќе училишни спортски сали. Сакам да истакнам дека и ние, самостојно, како општина, продолжуваме да создаваме одлични услови, па така обезбедуваме бесплатни униформи за сите ученици и бесплатни ранчиња за сите првачиња. Упатувам голема благодарност до Владата за поддршката. Нека ни е аирлија и салата секогаш да биде полна со дечиња кои тука ќе растат и ќе се развиваат“, изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, најави нов инвестициски бран во училиштата ширум државата, со посебен фокус на инфраструктурата во Кисела Вода и воведувањето на едносменска настава.
Честитки до граѓаните на Кисела Вода, до учениците и наставниот кадар за оваа нова спортска сала изградена по најсовремени стандарди. Во овој период имаме инвестициски циклус од околу 90 милиони евра. Што се однесува до Кисела Вода, покрај оваа, градиме сала и во „Кузман Јосифовски Питу“, а реконструираме сали во ЦОУ „Круме Кепески“ и ООУ „Кузман Шапкарев“. Наша приоритетна цел е воведување едносменска настава за подобар квалитет на образованието. За таа намена ќе доградиме по шест училници во уште три училишта: „Кузман Јосифовски Питу“, „Круме Кепески“ и „Рајко Жинзифов“ во Пинтија. Кисела Вода е општина која бележи прилив на првачиња, што особено нè радува, и ние се трудиме да ги обезбедиме сите услови тие да останат тука“, истакна министерката Јаневска.
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата останува силно посветена на капиталните инвестиции и ги охрабри општините да продолжат со подготовка на нови проекти кои ќе го подобрат животот на граѓаните.
„Добро е кога се гради и кога се исполнуваат потребите на најмладите. Ние, како Влада, ќе продолжиме да поддржуваме вакви проекти и во периодот којшто следи. Нашата задача е да работиме и тоа коешто сме го ветиле да го испорачаме. Од ден на ден, дел од проектите коишто ги започнавме се завршуваат, помал дел се во фаза на реализација, а помал дел се отпочнуваат сега. Повеќе од 1.200 проекти веќе се реализираат на целата територија на државата и мислам дека Македонија во моментот е претворена во едно големо градилиште, што беше и целта на оваа Влада. За следната година, преку ЗЕЛС, ги охрабруваме градоначалниците да подготвуваат проекти, а планираме и дел од средствата да ги децентрализираме од централниот буџет кон општините за уште поголема реализација. Нека е со среќа и посакувам од оваа сала да излезат голем број успешни репрезентативци кои со гордост и достоинство ќе ги бранат боите на Македонија“, изјави премиерот Мицкоски.
Оваа учебна година, во подрачното основно училиште „Круме Кепески“ во Припор, во општина Кисела Вода, се запишани 29 првачиња, што е значително зголемен број во споредба со минатата учебна година.
