Битола-туристичка дестинација или само попатна станица?
Битола и во летните месеци е привлечна за странските туристи. Ги привлекуваат широк сокак, старата архитектура, Хераклеја и богатото културно наследство. Но, голем дел од гостите во градот се задржуваат само неколку часа. Доаѓаат, разгледуваат и продолжуваат кон друга дестинација. Зошто Битола сè уште не успева да ги задржи туристите подолго? Според домашните туристички водичи, сместувачките капацитет се главниот проблем, дополнително и тоа што агенциите не работат со ин каминг-дојдовен туризам.

Во летниот период низ градот можат да се сретнат туристи од различни земји. За дел од нив Битола е задолжителна попатна станица, но не и крајна дестинација. По неколку часовно разгледување, најголем дел од нив го продолжуваат своето патување во други градови. Пред музејот секојдневно се забележуваат по десетици странски автобуси и голем број групи
„Јас сум од Холандија, тука сум прв пат, со моето семејство сме на пат за Скопје. Го сакаме градот. Тука сме за кратка посета, да одмориме, да се освежиме само ова попладне“, изјави турист од Холандија.
„Доаѓаме овде секоја недела, мојата група е од Измир. Синоќа останавме во Охрид, денес кратка посета на Битола и патуваме на аеродромот во Скопје. Не можеме да останеме овде затоа што Битола е мала и нема хотел за сите“, изјави Хулија-туристички водич од Измир.
Градот со богато културно и историско минато има што да понуди. Широк сокак, старата чаршија, музејот, античкиот локалитет Хераклеа, Пелистер. Од година во година се зголемува и културната понуда, но туристите никако да се задржат повеќе од неколку часа. Проблемот е комплексен и потребна е стратегија, вели туристичкиот водич Горан Пинза.
Проблемот со сместувачките капацитети се потврди и оваа година кога на последниот концерт од огромни размери, градот не можеше да одговори на побарувачката, па дел од посетителите се сместија во околните градови.
Повеќе дневната посета значи и поголема потрошувачка, повеќе ноќевања, посета на угостителски објекти и локални атракции, а сето тоа позитивно и дирекно ќе се одрази врз локалната економија на градот.
Александра Максимовска
