Археолошки истражувања

Нови откритија на локалитетот Градиште

16.08.2026 19:37

Кумановските археолози со уникатни откритија од локалитетот Градиште, Младо Нагоричане. Пронајдени се траги од ритуални активности како и богат инвентар.

Нови откритија на кумановските археолози на локалитетот градиште во Младо Нагоричане. Наоди потврдуваат ритуални активности во населбата, но и нејзин висок степен на развој. Ископувањата годинава беа насочени на секторот долна тераса, каде беше тимот пронајде конструкции од 4 век пред нашата ера, како и камени конструкции со вотивни садови, мали јами.

„Најдовме поголемо количество на питоси, меѓу кои се издвои еден којшто има обот односно венец на украсен со отпечатоци на прстен на којшто има претставено божество, коешто држи роб на изобилие и коешто изведува пренесување на течна жртва на троножец, жртвеник поради што претпоставуваме дека тоа може да е или божицата Деметра или божицата Тихи кои се тесно врзани со ритуалите на подземјето или на родот“, истакна Дејан Ѓорѓиевски, археолог Музеј Куманово.

Пронајдени се и остатоци од помала просторија, која укажува на активности поврзани со симпозиуми или ритуални јадења.

„Најдовме апликации направени од глина, калапени, на коишто има изведено божество, коешто седи на кревет и е дел од веројатно некоја симпозиумска поворка, во рацете држи фијала, повторно сад којшто се врзува со принесување на течни жртви, и ова е единствен досега наод откриен во Македонија и воопшто во светот се многу малку овие наоди, на нас ни се познати оние апликации за кревет кои се најдени во богатите гробови во Пела и Алга кои се направени од слонова коска, кај нас направени од глина“, дополни Дејан Ѓорѓиевски, археолог Музеј Куманово.

Остатоците зборуваат за развиената трговија и целосна вклученост во цивилизациските текови од македонското кралство од 4-3 в. пр. н. ера.

Идните истражувања ќе се насочат кон утврдување на можно постоење на храм. Ископувањата се дел од програмата на кумановскиот музеј поддржани од Министерството за култура и туризам.

Елена Герогиевска