гостивар

Инсистирам да се објави извештајот за квалитетот на водата во Гостивар, вели Мицкоски

16.08.2026 13:47

Премиерот Мицкоски нема против јавно да се објават извештајот и анализите кои потврдуваат дека водата во Гостивар е безбедна за пиење. Не ја исклучи можноста, пред лицето на правдата да бидат изведени и други виновници за ситуацијата поради која градот цел месец остана без питка вода. СДСМ се сомнева дека нешто се крие, власта уверува дека проблемот е целосно надминат и ја повика опозицијата да не шири паника.

И јас инсистирам да се објави извештајот за квалитетот на водата во Гостивар, вели премиерот Христијан Мицкоски кој не ја исклучи можноста, истрагата на Обвинителството да се прошири и кон други лица кои придонеле за загадувањето на водата во градот. За кривичните пријави кои опозицијата ги поднесе против министерот за здравство и уште неколкумина директори на здравствените институции, Мицкоски вели – мислам дека стратегијата им е погрешна, но тоа е нивно демократско право.

СДСМ и натаму инсистира власта да ги покаже документот и анализите со кои водата во Гостивар е прогласена за безбедна за пиење. Власта, пак, уверува дека проблемот е целосно надминат и ја повика опозицијата да не шири паника . По речиси цел месец голгота, граѓаните на Гостивар неделава конечно добија вода за пиење, откако претходно таа беше дозволена само за техничка употреба.

Поранешната директорка и двајца раководители во „Комуналец“ завршија во притвор, осомничени за загадувањето на водата со фекалии, по што во Гостивар беше прогласена епидемија.

Миле А. Ристески