Образование

Власта и опозицијата во клинч за образованието

16.08.2026 17:42

Власта и опозицијата во клинч за образованието. СДСМ тврди дека преку двајца просветни инспектори се прави хајка против партиски неподобни директори. Ресорното министерство уверува – се постапува по претставки за неправилности.

Политичка хајка против партиски неподобни директори или контроли во училиштата по добиени претставки за неправилности. Власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања за случувањата во образованието. СДСМ тврди дека преку двајца просветни инспектори се таргетираат училишта за да се изврши смена на директорите, или, тие да се принудат да поднесат оставки. Според партијата, сомнеж отвора фактор што вонредните инспекциски контроли се прават по претставки со слична или идентична содржина.

Ресорното Министерство ги отфрли ваквите тврдења. Оттаму појаснуваат дека основна законска надлежност на Државниот просветен инспекторат е да спроведува редовни контроли и да постапува по претставки и иницијативи на граѓани.

„Секаде каде што ќе се констатираат неправилности се преземаат соодветни мерки. Неверојатно е како оваа политичка партија секогаш застанува во одбрана на противзаконското работење и поддржува непочитување на правниот систем. Нерегуларности се констатирани и во работењето на средното училиште „Панче Арсовски“, кое денес беше посочено на прес-конференцијата на СДСМ. И таму се постапува како што наложуваат законските прописи“-соопштија од Министерството за образование.

Од МОН велат дека реформите го подигнуваат квалитетот на образованието – се вложува во инфраструктурата, во нови наставни програми и учебници, се воведува едносменска настава и се зголемуваат платите на наставниците, но, посочуваат дека неправилност нема да се толерираат.

Наташа Гркова - Петрушевска