Непроспиена ноќ за жителите на Зелениково
Продолжува борбата со огнените стихии. И натаму има неколку активни пожари. Синоќа беше тешко во Зелениково, каде пламените јазици им се закануваа на куќите. За среќа, локалните жители, пожарникарите и доброволците брзо реагирале, а градоначалникот лично го возел општинското противпожарно возило, со што е направена заштита и куќите се спасени од огнот. Сомнежот е дека пожарот бил подметнат.

Среќа што е летно време и имало сè уште будни, кои доцна во ноќта го забележале пожарот над Зелениково – раскажуваат локалните жители по повеќечасовната борба со пламените јазици што опасно им се закануваа на првите куќи.
Првата дојава за пожарот стигнала од најблиските куќи, а потоа се јавиле и присутни на свадбена прослава во околината, кои го забележале огнот и им телефонирале на комшиите. Настанала паника кај луѓето, а некои се подготвувале и за евакуација. Сомнежот е дека пожарот бил намерно подметнат.
По алармот, за 15-ина минути први на местото пристигнале доброволците од локалното Противпожарно друштво. Градоначалникот влегол во единственото противпожарно возило и самиот го донел до местото на пожарот.
Дека пожарот бил подметнат, се сомнева и првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување.
Пожарот во Зелениково беше еден од оние кои претставуваа вистинска закана. Борбата со огнените стихии продолжува на повеќе фронтови.
Ирина Гелевска
