Западнонилска треска

Нема нови случаи, се прска против комарци

16.08.2026 18:39

Нема нови потврдени случаи на заразени со западнонилска треска. Надлежните спроведуваат вонредна дезинсекција против комарци за да го намалат ризикот.

Бројот од 34 заразени со западнонилска треска го вклучи алармот кај општините. Се мобилизираа и почнаа вонредна дезинсекција против ларви и комарци за спречат натамошно ширење на вирусот. Први се прскаа каналите со застојаните води, кои се сметаат за жаришта за размножување на комарците. Општините се во постојан контакт со здравствените власти. Епидемија е прогласена во Кисела Вода, Аеродром, Гази Баба, Бутел и Илинден.

„Првично извршивме механичко прскање против во сите оние канали кои беа посочени како жариште на комарците, а дополнително наредниот ден направивме механичко прскање во сите населени места на територија на општина гази баба со цел да превенираме ширење на оваа зараза кај населението. Сметам дека алармантно реагиравме на целата ситуација“, изјави Бобан Стефковски – градоначалник на Гази Баба.

Нема нови пријавени случаи со западнонилска треска – посочуваат од Центарот за јавно здравје, по последниот кој за првпат беше откриен кај жена од Арачиново. Епидемиолизите велат – состојбата се следи.

„На 11 и 12 е направена ларвицидна дезинсекција во општина Кисела Вода, особено во Драчево бидејќи поголем дел од случаите се од таму, адултитивна дезинсекција на 13 и 14 е направена исто така во подрачјата каде има пријавени случаи“, изјави д-р Љиљзиме Бајрами – епидемиолог во ЦЈЗ.

Според последните информации на Инфективната клиника се лекуваат 24 пациенти со западнонилска треска, седуммина се во потешка состојба .

За само една недела, битката со вирусот ја загубија двајца скопјани на 83 и 72 годишна возраст – починатите се од Драчево и од Маџари. Надлежните апелираат граѓаните да бидат внимателни и да се заштитат од комарци.

Андријана Ѓурческа