34 години Армија

Од национален штит до колективна одбрана

17.08.2026 15:05

Од првиот војник во македонска униформа – до Армија дел од најмоќниот воен сојуз во светот. 34 години АРМ – од создавањето на сопствената одбрана, преку конфликтот и мировните мисии, до колективниот штит на НАТО. Ова е патот на македонската Армија.

Од национален штит до колективна одбрана. Македонската армија ја презема одговорноста за сопствената безбедност во турбулентни времиња по договорот Глигоров-Аџиќ за мирно повлекување на ЈНА на 21 февруари 1992 година. Една недела подоцна се формира Генералштабот. Веќе донесените закони го овозможија етаблирањето на Армијата.

На 14 април 1992 година, во касарната во Охрид пристигна првиот војник на АРМ. На 3 јуни 1993 Владата на Република Македонија донесе одлука со која 18 август, Денот на формирањето на баталјонот „Мирче Ацев“ во 1943 година, го прогласи за Ден на Армијата на Република Македонија.

Армијата се развива низ пешадиски, оклопно-механизирани и артилериски единици, инженериски, извидувачки, воздухопловни, комуникациски, логистички и медицински капацитети, како и специјални сили.

Безбедносната криза конфликтот во 2001 ја става Армијата пред најтешкиот домашен предизвик. Но, тоа е времето и на нејзиното менување и созревање. Веќе во 2002 следуваат НАТО – операциите „Есенцијал харвест“, „Ембер фокс“ и „Елајд хармони“. Од тој момент започнува забрзана трансформација – повеќе професионалност, повеќе обука, повеќе интероперабилност.

Првиот македонскиот војник излегува надвор од границите. Ги има во ИСАФ во Авганистан, а подоцна „Резолут сапорт“, Ирак, КФОР, УНИФИЛ, ЕУФОР „Алтеја“ и други мировни и безбедносни мисии.

Патот кон НАТО траеше со години – преку реформи, професионализација и модернизација. Во 1995, Македонија влегува во партнерството за мир, во 2019 е потпишан протоколот за пристапување, а на 27 март 2020 година Северна Македонија станува 30-та членка на НАТО.

Тогашниот Генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ја испраќа пораката: „Сега сте дел од НАТО-семејството“.

Од тој ден, Армијата има нова задача – не само да ја брани Македонија, туку и да придонесува кон колективната одбрана. 34 години подоцна, суштината останува иста.

Од првите единици во 1992, до НАТО-сојузник денес. Таа го пишува кодот на македонската одбрана.

Фиљана Кока