Пожари

Огнено лето, битка со шумски пожари во Европа

17.08.2026 13:11

Европа продолжува да гори. Пламените јазици голтаат шуми, домови и цели подрачја – од грчките острови и Балканот, до Западна Европа...

Европа продолжува да гори. Пламените јазици голтаат шуми, домови и цели подрачја – од грчките острови и Балканот, до Западна Европа. Огнената стихија на грчкиот остров Саламина во близина до Атина, однесе две жртви и принуди стотици луѓе да заминат од своите домови.

Додека во Хрватска се сумираат стравичните последици од смртоносниот пожар кај Омиш, за кој се бара прогласување природна непогода, жителите на соседен Борак се вратија во своите домови – но наместо имотите што ги оставиле, ги пречекаа целосно уништени куќи и изгорени поседи.

„Цел живот работиме за да изградиме нешто, да направиме нешто. Не сум некој што плаче, но ова те прави да се чувствуваш лошо. Тешко е да се гледа. Но, ќе го изградиме повторно“, изјави Зоран Баучиќ, жител на Борак.

Во Србија и натаму има 40 активни жаришта.. Најтешка е ситуацијата во Делиблатско Песочиште и на планината Столови.. Силниот ветер дополнително го отежнува гаснењето, а во акцијата активно учествува и Руско-српскиот хуманитарен центар.

„Цревото служи за брзо полнење на ранците со вода, а макарата овозможува еден пожарникар да работи на оддалеченост и да го гасне огнот. Имаме и алат за гаснење на пламенот на земја“, изјави руски спасувач.

Во Белгија, пожарот во природниот резерват Високи Мочуришта се смета за еден од најголемите во поновата историја на земјата. Огнот се приближи до германската граница, поради што стотици луѓе беа евакуирани.

„Многу луѓе ги напуштија своите куќи. Пожарот сè уште не е под контрола, мора да го опкружиме, но имаме многу проблеми. Теренот е тресетлив и лесно гори. На места тресетот е длабок и до шест метри, па огнот не гори само одозгора, туку се шири и под земја“, вели Хари Мејер, директор на Федералната полиција, Вејмс.

На помош пристигнаа и меѓународни сили – Шведска испрати два противпожарни авиони, а Холандија и Чешка обезбедија хеликоптери.

„Досега се изгорени над 2.000 хектари мочуришта и шуми. Ова е навистина најлошиот пожар досега. Имавме еден во 2011-та, но не навлезе во земјата. Тука се работи за нешто многу подлабоко бидејќи имаме многу сува почва“, рече Никола Јерно, од јавната служба на Валонија.

Во Шпанија е пријавена жртва во борбата со огнот во Арагон, додека Германија размислува за промени во уставот поради климатската криза. Високите температури и сушата создаваат проблеми и за енергетиката, а реките низ Европа бележат драматично намалување на водостоите.

Бојана Крстевски