Култура

„90 години од раѓањето на Јован Петров“ – јубилејна изложба во „Чифте амам“

17.08.2026 14:25

Творештвото на истакнатиот македонски сликар, конзерватор и реставратор Јован Петров ќе биде претставено на јубилејна изложба во Националната галерија. Изложбата во „Чифте амам“ ќе биде отворена на 20 август, на денот кога се одбележуваат 90 години од неговото раѓање.

Во галеријата „Чифте амам“ во Старата скопска чаршија на 20 август во 20 часот ќе биде отворена изложбата „90 години од раѓањето на Јован Петров“, посветена на животот и творештвото на авторот.

Јован Петров (1936–2011) дипломирал на Академијата за ликовна уметност во Љубљана, каде што специјализирал конзервација и реставрација. Во својата професионална кариера работел на заштита и реставрација на икони, фрески и слики, меѓу кои и во црквите „Св. Пантелејмон“ во Нерези и „Св. Богородица Перивлепта“ во Охрид.

Петров истовремено создавал и како сликар, оставајќи препознатлив опус во кој се преплетуваат современиот ликовен израз, културното наследство и традицијата. Делата што ќе бидат изложени се од колекцијата на семејството Петров.

Авторка на изложбата е вишиот кустос Маја Чанкуловска-Михајловска, а стручни соработници се Маја Неделкоска Брзанова, Владимир Таневски, Емил Петров и Антонио Пирковски.

Изложбата ќе ја отвори директорот на Националната галерија, д-р Али Синани, а ќе се обрати и програмскиот раководител и виш кустос Маја Крстевска.

Во рамките на отворањето ќе биде промовирана и монографија посветена на животот и творештвото на Јован Петров. Изложбата ќе биде отворена до крајот на август.