38. издание на „Поетска ноќ во Велестово“ со поети и уметници од седум земји
Поетите, музичарите и уметниците повторно се собираат во Велестово и Охрид. Од 21 до 23 август ќе се одржи 38. издание на меѓународната манифестација „Поетска ноќ во Велестово“, со учество на дваесетина автори од седум земји.

Во петок, 21 август, започнува 38. издание на „Поетска ноќ во Велестово“, манифестација која со децении ги поврзува поезијата, музиката и визуелната уметност во автентичниот амбиент на Велестово и Охрид.
Програмата ќе започне во 21 часот со поетски портрет на Јовица Ивановски, по што ќе следува интернационалното поетско читање „Имаго“. Во 22:30 часот ќе биде отворена изложбата на акварели „Флора“ од Ивана Настески.
Во следните два дена се предвидени промоции на пет поетски збирки и интернационалните читања „Мозаик“, со учество на автори од Ирска, Хрватска, Србија, Црна Гора, Бугарија, Романија и Македонија.
Музичкиот дел од програмата го носат Иван Христов и Петар Чухов, а фестивалските активности ќе бидат дополнети со организирано разгледување на културно-историското наследство на Охрид и природните убавини на Галичица.
Манифестацијата, основана од поетот Славе Ѓорго Димоски, ќе се одржува до 23 август, со програмски активности во Велестово и во „Лапидариумот“ во Охрид.
