Социјални мрежи

Крај за „лајковите“ и бесконечното скролање? Мета се соочува со тужба

17.08.2026 14:53

Ако Мета ја загуби оваа тужба, Инстаграм и Фејсбук би можеле засекогаш да се променат...

Во САД започнува судскиот процес по тужбата што 30 американски сојузни држави, меѓу кои Калифорнија и Њујорк, ја поднесоа против компанијата „Мета“ поради наводно загрозување на приватноста и благосостојбата на децата и младите корисници.

Доколку тужбата заврши во корист на сојузните држави, Инстаграм и Фејсбук би можеле да се соочат со некои од најголемите промени од нивното основање.

Сојузните држави тврдат дека младите корисници намерно биле таргетирани со функции дизајнирани да создаваат зависност од платформите, а од компанијата се бара отштета од над еден трилион долари.

Покрај финансиската казна, тужителите бараат и сериозни промени во начинот на кој функционираат платформите за корисниците помлади од 18 години.

Меѓу предложените мерки се воведување родителска верификација за младите корисници, укинување на бројот на допаѓања и функцијата за бесконечно скролање, како и промени во алгоритмите што препорачуваат содржини.

Се бара и отстранување на филтрите што го менуваат физичкиот изглед, запирање на автоматското пуштање видеа, ограничување на можноста за отворање повеќе профили и укинување на содржини со ограничено времетраење, како што се „стори“ објавите.

Случајот во Ново Мексико како преседан

Посебно внимание привлекува неодамнешна слична постапка во Ново Мексико, каде што судијата Брајан Бидшајд на „Мета“ ѝ изрече казна од 942 милиони долари, оценувајќи дека практиките на компанијата претставуваат закана за јавното здравје.

Со таа одлука беше наложено бројот на допаѓања да биде отстранет за корисниците помлади од 18 години, а испраќањето известувања да биде ограничено во одредени периоди од денот.

Доколку и тужбата на 30-те сојузни држави заврши на штета на „Мета“, слични ограничувања би можеле да бидат воведени на пошироко ниво низ САД.

„Мета“ ги отфрла обвинувањата

Од компанијата ги негираат обвинувањата и тврдат дека со години преземаат мерки за заштита на тинејџерите и другите млади корисници на своите платформи.

Сепак, адвокатите на сојузните држави посочуваат дека интерни истражувања поврзани со социјалните мрежи покажале негативни последици врз младите. Според нив, функции како бројот на допаѓања можат да придонесат за чувство на недоволна вредност, депресивност и проблеми со перцепцијата на сопственото тело.

Случајот ќе го води американската федерална судијка Ивон Гонзалес Роџерс.

Исходот од процесот би можел да има далекосежни последици не само за „Мета“, туку и за начинот на кој во иднина ќе функционираат социјалните мрежи за децата и тинејџерите.