„Спотифај“ воведува ознака за „вештачка интелигенција“ на профилите на музичарите
Музичарите ќе можат преку „Спотифај за изведувачи“ самите да пријават дека нивниот профил претставува личност создадена со вештачка интелигенција.

„Спотифај“ најави дека од средината на септември ќе започне со означување на одредени профили на музичари со ознаката „ВИ личност“, со цел корисниците полесно да препознаат дали зад профилот стои вистинска личност или виртуелен лик создаден со вештачка интелигенција.
Од компанијата посочуваат дека дел од слушателите изразиле незадоволство од профили што изгледаат како да им припаѓаат на вистински музичари, но всушност претставуваат виртуелни ликови генерирани со вештачка интелигенција.
Новата ознака ќе биде прикажувана на повеќе места на платформата на банерот на профилот на изведувачот, во делот „за изведувачот“, во резултатите од пребарувањето, како и покрај песните во плејлистите.
Музичарите ќе можат преку „Спотифај за изведувачи“ самите да пријават дека нивниот профил претставува личност создадена со вештачка интелигенција. „Спотифај“ ќе ги проверува и профилите за кои ќе утврди дека во својот визуелен идентитет користат реалистични фотографии или ликови генерирани со ВИ.
ВИ-профилите нема да се појавуваат во препораките
Една од позначајните промени е дека профилите означени како ВИ-личности нема да бидат вклучувани во уредничките и алгоритамските препораки на „Спотифај“, освен доколку корисникот веќе не го следи конкретниот профил.
Профилите што ќе бидат идентификувани од тимот за проверка ќе добијат известување. Нивните сопственици ќе имаат можност сами да го потврдат статусот или да поднесат приговор на одлуката на платформата.
Корисниците, пак, ќе можат да видат дали ознаката е доброволно поставена од самиот изведувач или е додадена по проверка од страна на „Спотифај“.
Компанијата нагласува дека ознаката нема да зависи од тоа дали при создавањето на самата музика била користена вештачка интелигенција. Клучен критериум ќе биде јавниот визуелен идентитет на изведувачот, односно дали профилот претставува реална личност или ВИ-генерирана личност.
Со новата мерка, „Спотифај“ се обидува да воведе поголема транспарентност во период кога содржините создадени со вештачка интелигенција стануваат сè поприсутни на музичките платформи.
