Три навики меѓу 45 и 65 години можат да го одложат ризикот од деменција за дури 13 години
Ново истражување спроведено од научници од САД и Кина покажува дека контролирањето на три важни фактори во средната животна возраст може значително да го одложи појавувањето на деменцијата.

Иако сè уште не е целосно утврдено што сè може да помогне во спречувањето на деменцијата, научниците веќе идентификуваа повеќе фактори на ризик од губење на слухот до загадувањето на воздухот.
Некои од нив, како генетските предиспозиции, не можат да се променат, додека други се поврзани со животната средина и пошироките општествени услови. Сепак, кога станува збор за превенцијата, особено значење имаат факторите на ризик врз кои можеме да влијаеме преку начинот на живот.
Ново истражување спроведено од научници од САД и Кина покажува дека контролирањето на три важни фактори во средната животна возраст може значително да го одложи појавувањето на деменцијата.
Истражувањето опфатило здравствени податоци на 12.409 лица, следени во просек 26 години. Резултатите покажале дека одржувањето нормален крвен притисок, отсуството на дијабетес и непушењето можат да бидат поврзани со речиси 13 дополнителни години живот без деменција.
Периодот од 45 до 65 години е особено важен
Научниците нагласуваат дека периодот меѓу 45 и 65 години може да биде клучен за зачувување на здравјето на мозокот во подоцнежните години.
Високиот крвен притисок, дијабетесот и пушењето директно влијаат врз здравјето на крвните садови. Според резултатите од истражувањето, доброто васкуларно здравје во средната животна возраст може да биде поврзано со продолжување на животот без деменција за дури 12,6 години.
Во анализата биле земени предвид и други фактори, меѓу кои полот, расата, возраста, нивото на физичка активност и присуството на генот APOE4, кој е поврзан со зголемен ризик од Алцхајмерова болест.
Лицата кај кои биле присутни сите три ризик-фактори: висок крвен притисок, дијабетес и пушење во просек порано развивале деменција, но и имале пократок животен век.
Епидемиологот Јозеф Кореш посочува дека избегнувањето на овие ризик-фактори во средната возраст може да биде важна стратегија за зачувување на здравјето на мозокот повеќе од една деценија.
Разлики меѓу жените и мажите
Истражувањето покажало и разлики во периодот на живот без деменција. Жените кај кои биле присутни сите три ризик-фактори живееле во просек 18,1 година без деменција од почетокот на следењето, додека кај мажите периодот изнесувал 16,6 години.
Кај белите учесници просечниот период без деменција бил 19,6 години, а кај црните учесници 16 години, што според истражувачите ги одразува и веќе познатите здравствени нееднаквости.
Научниците сметаат дека идните истражувања треба подетално да утврдат колку конкретни промени, како откажувањето од пушење или намалувањето на крвниот притисок, можат да влијаат врз ризикот од деменција.
На глобално ниво, секоја година околу 10 милиони луѓе развиваат деменција, а се очекува бројот на заболени да продолжи да расте во следните децении.
