Македонски олимписки комитет

Рекордна македонска делегација на Медитеранските игри во Таранто – 90 спортисти во 19 спортови

17.08.2026 15:15

Македонија со досега најбројна делегација ќе настапи на Медитеранските игри во Таранто. Вкупно 130 членови, од кои 90 спортисти, од 21 август до 3 септември ќе се натпреваруваат во 19 спортови, а дел од настапите во живо ќе се пренесуваат на МРТ 3.

Македонија е подготвена за настап на Медитеранските игри во Таранто, Италија, каде од 21 август до 3 септември ќе настапи со рекордна делегација од 130 членови, меѓу кои 90 спортисти.

На денешната прес-конференција Македонскиот олимписки комитет ја претстави делегацијата, подготовките и програмата за настап. Претседателот на МОК, Даниел Димевски, информираше дека македонските спортисти ќе настапат во 19 од вкупно 33 спортови на програмата.

Во индивидуалните спортови Македонија ќе има претставници во атлетика, бадминтон, бокс, велосипедизам, коњички спортови, мечување, ритмичка гимнастика, џудо, карате, стрелаштво, пливање, таеквондо, тенис, триатлон и борење – слободен стил.

Во екипните спортови ќе настапат женските репрезентации во ракомет и одбојка, машката репрезентација во баскет 3х3 и машката фудбалска репрезентација до 21 година.

Македонија досега има освоено 14 медали на Медитеранските игри, а од МОК очекуваат новата генерација спортисти да ја продолжи традицијата со успешни настапи во Таранто.

На свеченото отворање ќе присуствува и претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова. Од МОК велат дека нејзиното присуство претставува дополнителна мотивација и поддршка за македонските спортисти.

Во делегацијата ќе биде и сертифициран тренер за ментални перформанси, Софија Арнаудова, која ќе работи со спортистите на концентрацијата, менталната подготовка и справувањето со натпреварувачкиот притисок.

Македонската јавност ќе може да ги следи случувањата од Таранто преку директни преноси на дел од натпреварите на МРТ 3, како и преку секојдневни информации, резултати и содржини на социјалните мрежи на Македонскиот олимписки комитет.