Западнонилската треска ја зеде третата жртва
Викендов починал 61-годишен скопјанец кој имал и други заболувања.

Западнонилската треска ја зеде третата жртва. Викендов починал 61-годишен скопјанец кој имал и други заболувања. На Инфективната се лекуваат 16 пациенти, од нив шестмина во потешка состојба. Се намалува и старосната граница на инфицирани, најмладиот има 25 години и е стабилен. Директорот на Клиниката вели - сите пациенти што се лекуваат имаат невролошка форма на болеста.
„Возрасната граница се намалува, но сепак пациентите кои се со тешка клиничка слика, кои се шест на број и се лекуваат на Одделот за интензивна нега, се над 60 години, но кај инфицирани пациенти со невроинвазивна форма најмладиот пациент е 25-годишен“, изјави д-р Фадил Цана, директор на Клиниката за инфективни болести.
Западнонилската треска досега е потврдена кај 35 пациенти, за уште тројца се чекаат резултатите. Здравствените власти велат потребна е максимална претпазливост - август и септември се месеци во кои овие епидемии го достигнуваат врвот. Се засилува контролата на можните преносители на вирусот, со посебен фокус на дивите птици. Министерот Клековски со апел до граѓаните, доколку забележат угинат гавран или друга птица, да пријават во Агенцијата за храна и ветеринарство.
„Ова е многу важно прашање бидејќи мораме да бараме кои се можните резервоари на болеста и во однос на тоа ќе се спроведе вонредна контрола на живина во загрозените подрачја. Посебен таргет е слободна живина во близина на каналите за наводнување“, изјави министерот за здравство, Сашо Клековски.
При последното поголемо појавување на западнонилска треска во 2019 година било утврдено дека од девет контролирани кокошки, една била заразена, токму во едно од местата кои сега се сметаат за загрозени.
Зголемениот број на заболени ги мобилизираше надлежните. Една од мерките е лична заштита, но и отстранување на застојаните води во дворовите и околината. Особено на базените кои се користат за рекреација, а ги има во местата со зголемен број заразени. Се спроведува и вонредна дезинсекција против ларви и комарци.
Пред една недела здравствените власти прогласија епидемија на западнонилска треска во пет скопски општини. Апелираат до граѓаните, ако имаат симптоми коишто укажуваат на вирусот, да побараат лекарска помош.
Андријана Ѓурческа
