Енергетика

ЕСМ договори тригодишно снабдување со јаглен од Косово

17.08.2026 15:39

АД ЕСМ потпиша тригодишен стратешки договор со косовската државна енергетска корпорација КЕК, со кој обезбедува можност за експлоатација на околу три милиони тони јаглен од рудникот во Обилиќ. Договорот, според ЕСМ, треба да обезбеди постабилно производство на електрична енергија и значителни финансиски заштеди.

АД ЕСМ склучи тригодишен стратешки договор со косовската државна енергетска корпорација КЕК за експлоатација на околу три милиони тони јаглен во наредните 36 месеци.

Договорот, потпишан од генералниот директор на ЕСМ, Лазо Узунчев, и генералниот директор на КЕК, Грамос Хашани, е склучен по одлука на Владата и по интензивни преговори меѓу двете државни енергетски компании.

Со договорот е обезбедена фиксна цена од 24,4 евра за тон јаглен, со однапред дефинирани параметри за квалитет. Од ЕСМ велат дека загарантираните количини и цената ќе овозможат поголема сигурност во снабдувањето со јаглен за термоелектраните и заштита од осцилациите на цените на енергентите на меѓународните пазари.

Според компанијата, користењето на косовскиот јаглен ќе ја зголеми ефикасноста на термоелектраните и ќе овозможи дополнително годишно производство од околу 800 GWh електрична енергија, со проценет приход од околу 57 милиони евра.

Финансискиот ефект, како што се наведува, дополнително ќе се подобри со намалување на потребата од мазут при согорувањето на јагленот.

Од ЕСМ посочуваат и на еколошки придобивки. Се очекува годишните емисии на CO2 да се намалат за околу 923 илјади тони поради помалата потрошувачка на јаглен и за дополнителни 55.980 тони поради намалената употреба на мазут.

Бидејќи околу 70 проценти од годишното производство на електрична енергија во земјава доаѓа од термоелектраните, од ЕСМ оценуваат дека договорот ќе придонесе за поголема енергетска сигурност и стабилност за граѓаните и индустријата во наредните три години.