Расчистено насилство во Скопје, поднесена кривична пријава против пет лица
СВР Скопје поднесе кривична пријава против пет лица, меѓу кои и малолетник, поради сомнение за насилство во скопската општина Аеродром. Во физичката пресметка две лица биле тешко повредени, а судот на четворица од пријавените им одреди мерки за обезбедување.

На 16 август околу 1:15 часот на подрачјето на општина Аеродром настанала физичка пресметка меѓу 43-годишниот Е.М. и 36-годишниот Н.Е., двајцата од Скопје.
Според МВР, 23-годишниот С.И. се обидел да му помогне на Н.Е., но набрзо се собрале повеќе лица кои со тврди и стаклени предмети ги нападнале двајцата и им нанеле тешки телесни повреди.
СВР Скопје – Единицата за насилен криминал, по преземените мерки, ги обезбедила осомничените и било извршено нивно препознавање. Во координација со јавен обвинител, против Е.М., Е.Р. (30), Ѓ.А., А.Р. (32) и малолетник е поднесена кривична пријава за кривично дело „насилство“.
Четворицата полнолетни лица биле изведени пред судија на претходна постапка. На Е.М. и Е.Р. им е одреден притвор во траење од 30 дена, додека на Ѓ.А. и А.Р. им е одреден куќен притвор во траење од 30 дена.
