ОЈО ГОКК

Проширена истрагата за шверц на марихуана од Македонија во Србија, осомничени уште седум лица

17.08.2026 20:25

Против нови седум лица од државава се проширува истрагата за нелегален транспорт на марихуана од Македонија во Србија. Се сомничат за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, информираше Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Против нови седум лица од државава се проширува истрагата за нелегален транспорт на марихуана од Македонија во Србија. Се сомничат за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, информираше Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

За транспортот на марихуана досега постапката се водеше против шестмина од Македонија и шестмина од Србија. Тие лани и годинава, до февруари, кога беа уапсени, го организирале транспортот на дрогата за препродажба во Србија и други земји, а како параван го користеле правното лице во Скопје кое поседува одобрение за одгледување канабис за медицински цели и дозвола за производство на екстракти од канабис за медицински потреби. Во најмалку пет случаи бил извршен транспортот на марихуана, информираат од Обвинителството.

„Кај товарните возила со претходно царинета и пломбирана стока се отстранувала пломбата и се вадел дел од царинетата стока, а на нејзино место се ставале кутии со наркотична дрога марихуана со тежина приближно еднаква на тежината на извадената стока. Потоа товарното возило се упатувало кон ГП Табановце, при што било следено од некој од осомничените со патничко моторно возило. На овој начин марихуаната била транспортирана, прикриена како прехранбени производи, перници и јоргани“, соопшти ОЈО ГОКК.

Полицијата во Србија заплени над пет тони марихуана. Инаку, пред една недела Основниот кривичен суд Скопје донесе две пресуди врз основа на предлог-спогодби склучени со двајца од осомничените кои го признале делото. Изречени се казни затвор во траење од три години и шест месеци, односно три години и осум месеци.

Миле А. Ристески