Одбрна

Армијата одбележува 34 години

18.08.2026 08:42

Од Армијата велат дека во изминатата година е постигнат значаен напредок во развојот на способностите и оперативната подготвеност.

Армијата денеска одбележува 34 години од формирањето, со значајни резултати во модернизацијата, трансформацијата и исполнувањето на НАТО-стандардите. Од Армијата велат дека во изминатата година е постигнат значаен напредок во развојот на способностите и оперативната подготвеност.

Во текот на 2026 година, Армијата реализираше интензивен циклус на опремување и трансформација, а продолжи и со поддршката на цивилните институции при справување со кризни состојби и природни непогоди.

Како еден од најзначајните резултати се издвојува успешната оценка на Лесната пешадиска баталјонска група на вежбата „Блесок 26“, на која беше оценета како „борбено подготвена за извршување на својата мисија“.

Од Армијата посочуваат дека ова претставува значаен професионален исчекор и потврда дека македонските сили ги исполнуваат строгите НАТО-стандарди.

Со учеството во меѓународни мисии и континуираното унапредување на своите способности, Армијата ја потврдува улогата на доверлив НАТО-сојузник и фактор на регионалната безбедност. Нејзината основна мисија останува заштитата на независноста, територијалниот интегритет и безбедноста на државата и граѓаните.