САД и Иран без договор, опасност од ескалација
Трамп порача дека Техеран не смее да поседува нуклеарно оружје и дека Вашингтон не очекува договор под условите што ги бара.

САД ја отфрлаат можноста за продолжување на примирјето со Иран по истекот на 60-дневниот рок за постигнување договор. Трамп порача дека Техеран не смее да поседува нуклеарно оружје и дека Вашингтон не очекува договор под условите што ги бара.
„Тие сакаат да постигнат договор, но нема да го постигнат договорот што јас го сметам за неопходен. Иран не смее да има нуклеарно оружје и нема да го има“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Од Техеран, пак, го оспоруваат истекот на 60-дневниот рок, оценувајќи дека тој повеќе не е релевантен бидејќи Вашингтон го прекршил договорот. Велат дека меморандумот бил наменет за преговори и дека нема да носат одлуки под американски ултиматуми. Предупредуваат дека, доколку дипломатијата пропадне, ќе премине во офанзива и ќе возврати со воена акција. Иран воедно соопшти дека постигнал разбирање со Оман за транзитните рути низ Ормутскиот теснец.
„Долго време се преземени потребните подготовки и мерки на претпазливост, вклучително и за можноста САД да продолжат со своите злобни дејствија против Иран“, вели Есмаил Багаеи, портпарол на иранското Министерство за надворешни работи.
Оман, кој посредува за повторно отворање на теснецот, во меѓувреме беше мета на остри закани од Трамп, кој порача дека Вашингтон „лесно ќе се справи“ со земјата доколку го попречува процесот. Во меѓувреме, Пентагон потпиша договор вреден 22,9 милијарди долари за забрзано производство на крстосувачки ракети „Томахавк“. Обединетите нации ги повикаа Вашингтон и Техеран да ги обноват преговорите, да избегнат воена акција и да ја намалат острата реторика.
