Телекомуникации

Паѓаат цените на роаминг услугите!

29.09.2014 10:03

Во Будва се одржува Инфофест, самит посветен на информатичките и комуникациските технологии, кој 21 година ја собира регионалната елита. Годинава Самитот е со посебни димензии. Земјите од регионот си подаваат рака за поевтин роаминг...

Паѓаат цените на роаминг – услугите. Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора ставаат потпис на Спогодбата со која, разговорите, СМС пораките и мобилниот интернет значително ќе поевтинат во наредниот период.

„Наша цел е да се обврземе, дека низ промена на законите ќе ја намалиме цената на роаминг – услугите, на ниво како во Европската унија. Мислиме дека тоа е од голем интерес, и на граѓаните на Македонија, и на граѓаните на Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина“, изјави Вуица Лазовиќ, потпретседател на Владата на Црна Гора.

Целта е, постепено да се намалуваат цените на роаминг – услугите, како што тоа го направија земјите – членки на ЕУ. Ако сега, за една минута разговор, на граѓаните им се наплаќа и по повеќе од едно евро, во иднина оваа услуга ќе чини пет пати помалку. Слично кастрење ќе има и кај кратките пораки, додека падот на цените кај интернет услугите би бил драстичен, со оглед дека сега плаќаме 25 пати повеќе, споредено со земјите на Унијата. Надлежните сметаат дека за остварување на оваа цел, во операторите ќе најдат партнери, а не противници.

„Право на секој граѓанин е да има што е можно поевтина комуникација. Нормално е операторите да реагираат, тоа е во нивен интерес, но затоа сме ние тука, да ги спроведуваме политиките и да ги дефинираме правците на развој низ креирањето нови закони“, изјави Вуица Лазовиќ, потпретседател на Владата на Црна Гора.

Властите оценуваат дека операторите нема да претрпат големи загуби, бидејќи се очекува, со падот на цените, да се зголеми и обемот на сообраќај. Во пракса, оваа Спогодба треба да почне да ги дава ефектите од почетокот на идната година. Спогодбата е отворена, што значи дека во иднина, секоја заинтересирана земја, која не е опфатена со неа, може да се приклучи кон иницијативата, која тргна од македонска страна. Во игра е и Албанија, иако претставници на оваа земја нема да присуствуваат на потпишувањето во Будва, поради доцнење со бирократските процедури.

 

Мартин Пушевски, специјален дописник за МРТ од Будва