Сцена

Скопје добива нов фестивал за електронска музика: „Кора“ премиерно на 18 и 19 септември

18.08.2026 09:27

Нов фестивал за електронска музика ќе дебитира оваа есен во Кучково, каде во текот на два дена ќе настапат околу 30 домашни, регионални и светски артисти под отворено небо.

Скопје на 18 и 19 септември ќе го добие своето прво издание на фестивалот за електронска музика „Кора“, кој ќе се одржи во зеленото опкружување на Кучково, на само триесетина минути од главниот град.

Фестивалот, во организација на тимот зад скопскиот клуб „Минус Еден“, е замислен како простор за современата електронска сцена, со програма што опфаќа техно, електро, експериментални звуци и различни музички текстури.

Во текот на двата фестивалски дена ќе настапат околу 30 локални, регионални и интернационални артисти. Меѓу главните имиња се Matrixxman, Legowelt, Object Blue, Interstellar Funk и Adriana Lopez, а публиката ќе има можност да ги слушне и бројни македонски и регионални изведувачи.

Организаторите најавуваат два дена исполнети со музика, дружење и фестивалско искуство под отворено небо, со поддршка од Општина Ѓорче Петров.