Блиски Исток

Растат тензиите меѓу Вашингтон и Техеран, ОН повикуваат на дијалог

18.08.2026 14:36

Тензиите меѓу САД и Иран растат по истекот на 60-дневниот рок. Вашингтон одбива продолжување на примирјето, Техеран предупредува на воена реакција. Ормускиот теснец повторно точка на опасна ескалација-погоден нов брод и жртва. Трамп се закани на Оман со напад доколку го попречува процесот. ОН повикаа на продолжување на преговорите. Во Газа пропадна обидот за пробив меѓу Израел и Хамас. Пентагон во меѓувреме склучи договор од 22,9 милијарди долари за ракети „Томахавк“...

САД ја отфрлаат можноста за продолжување на примирјето со Иран, по истекот на 60-дневниот рок предвиден со Меморандумот. Трамп порача дека Техеран не смее да поседува нуклеарно оружје и дека Вашингтон не очекува договор под условите што ги бара.

„Тие сакаат да постигнат договор, но нема да го постигнат договорот што јас го сметам за неопходен. Иран не смее да има нуклеарно оружје и нема да го има“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.

Техеран, пак, не го признава истекот на рокот како крај на договорот, тврдејќи дека периодот бил наменет за преговори и дека Вашингтон ги прекршил обврските. Иран порача дека нема да прифаќа ултиматуми и предупреди на воена реакција доколку дипломатијата пропадне. Во меѓувреме, со Оман е постигнато разбирање за транзитот низ Ормутскиот теснец.

„Преземени се потребните подготовки и мерки на претпазливост, вклучително и за можноста САД да продолжат со своите злобни дејствија против Иран“, изјави Есмаил Багаеи – портпарол на Министерство за надворешни работи на Иран.

Оман, во меѓувреме се најде на мета на закани од Трамп, кој порача дека Вашингтон „лесно ќе се справи“ со земјата доколку го попречува процесот. Тензиите дополнително растат откако брод беше погоден од ракета во Ормускиот теснец, при што загина член на екипажот. ОН ги повикаа Вашингтон и Техеран да ги обноват преговорите и да избегнат воена акција.

„Нема воено решение за овој конфликт. Ги повикуваме Иран и САД што поскоро да ги обноват преговорите за мирно и трајно решение, да избегнат воена акција и да ја намалат острата реторика“, Стефан Дижарик – портпарол на ОН.

Дипломатските напори не носат смирување ниту во Газа. Пропадна обидот на Вашингтон да постигне пробив за прекин на огнот по средбите на Кушнер со Хамас и Нетанјаху. САД бараат разоружување на Хамас, додека Израел инсистира на безбедносни гаранции.

„Посветени сме на обновата на Газа, но нема да дозволиме таа да биде обновена додека не се изврши демилитаризација. Напредок може да има веќе во следните 30 дена, но ни е потребна соработка од двете страни“, изјави Џаред Кушнер-специјален пратеник на САД за мир.

Додека дипломатските напори продолжуваат, нападите и воените подготовки не стивнуваат. Пентагон потпиша договор од 22,9 милијарди долари за забрзано производство на ракети „Томахавк“, што дополнително ја засилува сликата за подготовка за долготрајна конфронтација.

 

Бојана Крстевки