Сцена

Fontaines D.C. го најавија новиот албум „Dopamine Chamber“, излегува во октомври

18.08.2026 10:24

Ирскиот рок-бенд Fontaines D.C. ја најави новата ера со својот петти студиски албум „Dopamine Chamber“, кој ќе биде објавен на 16 октомври. Заедно со најавата е објавен и првиот сингл „Marianne“.

Fontaines D.C. го најави својот нов студиски албум „Dopamine Chamber“, кој ќе пристигне на 16 октомври преку издавачката куќа XL Recordings.

Најавата доаѓа со објавувањето на водечкиот сингл „Marianne“, кој бендот премиерно го изведе во живо на концертот во Кадиз, Шпанија, на 8 август.

Албумот е продуциран од Џејмс Форд, кој работеше со бендот и на претходните два албума – „Skinty Fia“ и „Romance“. „Dopamine Chamber“ е сниман во Лондон, во рурална Англија и во Палермо, а според најавата носи потемен звук со поголемо присуство на електронски елементи.

Гитаристот на бендот, Конор Керли, вели дека со новиот звук и новите влијанија Fontaines D.C. се обидува „да пронајде нешта што покажуваат кон иднината“.

Синглот „Marianne“, пак, делумно бил инспириран од трилер-серијата на Нетфликс „Ripley“ од 2024 година, со Ендру Скот во главната улога, базирана на романот „Талентираниот господин Рипли“ од Патриша Хајсмит.

„Dopamine Chamber“ ќе биде петтиот студиски албум на Fontaines D.C., по „Dogrel“ (2019), „A Hero’s Death“ (2020), „Skinty Fia“ (2022) и „Romance“ (2024).

Последниот албум „Romance“ беше номиниран за наградата „Меркјури“, а на бендот му ја донесе наградата БРИТ во 2025 година во категоријата за најдобра меѓународна група.

Бендот е формиран во Даблин во 2014 година, по запознавањето на членовите на музички колеџ. Во изминатата деценија Fontaines D.C. се етаблираше како еден од најценетите рок-бендови, со повеќе номинации за Греми.