Грантови за развој на социјални услуги во девет општини
Со грантовите ќе се воспостават и унапредат социјални услуги во девет општини – Гази Баба, Петровец, Сарај, Валандово, Пласница, Боговиње, Јегуновце, Прилеп и Кривогаштани.

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, денеска потпиша договори за грантови преку Првиот јавен повик за развој на социјални услуги на локално ниво, во рамки на Вториот проект за подобрување на социјалните услуги.
Со грантовите ќе се воспостават и унапредат социјални услуги во девет општини – Гази Баба, Петровец, Сарај, Валандово, Пласница, Боговиње, Јегуновце, Прилеп и Кривогаштани.
Во Гази Баба, Петровец, Сарај и Валандово ќе се развиваат услуги за помош и нега во домот за стари и немоќни лица. Во Пласница, Боговиње и Јегуновце ќе се воспостават дневни центри за стари лица, со фокус на активно и достоинствено стареење, додека во Прилеп и Кривогаштани ќе функционираат дневни центри за лица со попреченост.
„Со потпишувањето на овие договори правиме конкретен чекор кон приближување на социјалните услуги до граѓаните. Нашата цел е поддршката да биде достапна таму каде што е најпотребна – во локалната заедница, во средината во која живеат корисниците“, истакна Велковски.
Според Министерството, со грантовите се продолжува процесот на децентрализација на социјалните услуги и се зајакнува улогата на локалната самоуправа и граѓанскиот сектор во обезбедувањето достапна, квалитетна и одржлива социјална заштита.
Целта е старите лица, лицата со попреченост и семејствата на кои им е потребна поддршка да добијат навремени и соодветни услуги поблиску до местото на живеење.
