Регион

Почина Ведрана Рудан, хрватска писателка и новинарка

18.08.2026 11:31

Ведрана Рудан почина на 76-годишна возраст по долга и тешка борба со ракот. Хрватската писателка, новинарка и колумнистка во јавноста беше позната по својот остар, директен и провокативен стил, а веста за нејзината смрт беше потврдена од извори блиски до неа.

На официјалниот профил на Рудан утрово беше објавена кратка порака: „Ведрана отиде на подрачје без сигнал“. Набргу потоа беше променета и насловната фотографија на профилот, со натпис „No Signal“, додека коментарите под објавите беа оневозможени.

Пораката има особено симболично значење, бидејќи Рудан претходно самата говореше за својата смрт токму со тие зборови. Во гостувањето во хрватската емисија „Во недела, во два“, зборувајќи за болеста, таа рече дека сака нејзините најблиски нејзината смрт да ја сфатат како „одење на подрачје без сигнал“.

Рудан во мај 2024 година јавно откри дека боледува од ретка форма на карцином на жолчните канали. За дијагнозата, лекувањето и својата борба со болеста говореше отворено во својот препознатлив стил.

Таа откри дека била меѓу малкуте пациенти кај кои била можна операција, а пред хируршкиот зафат била подложена и на радиохируршки третман. Подоцна станала првата пациентка во светот кај која била применета хипербарична оксигенотерапија за лекување на компликации предизвикани од третманот на туморот.

Ведрана Рудан е родена на 29 октомври 1949 година во Опатија. Завршила хрватски и германски јазик на Педагошката академија во Риека, а во текот на кариерата работела како новинарка, радио-уредничка и телевизиска водителка.

Како писателка се препознаваше по краткиот, остар и провокативен израз. Без воздржување пишуваше за семејството, љубовта, политиката, општеството, насилството и положбата на жената.

Нејзините книги се преведени на повеќе јазици, меѓу кои и на македонски, а според нејзини дела се поставувани и театарски претстави во повеќе европски градови.

Со нејзината смрт хрватската книжевна и новинарска сцена го губи еден од своите најпрепознатливи и најгласни автори, чиј јавен настап со децении предизвикуваше реакции, полемики и дебати.