Земјоделство

Нема потреба од загриженост – во струмичко вода за наводнување ќе има до крајот на сезоната

18.08.2026 15:58

Високите температури и долгиот сушен период го запали црвениот аларм околу водните ресурси за наводнување на земјоделските површини во струмичко. Од водостопанското претпријатие смируваат дека вода ќе има до крајот на сезоната. Земјоделците пак континуирано ги наводнуваат посевите и го адаптираат своето производство на климатските промени.

Вода за наводнување во струмичко ќе има до крајот на сезоната. Вака смируваат од ВП „Струмичко поле“ откако земјоделците се соочуваат со високи температури и долг сушен период кои веќе предизвикуваат последици на посевите. Директорот Томе Спасов вели дека вода се испорачува од сите шест акумулации, согласно договорената динамика.

Земјоделците на терен, од хидро-системите со моторни пумпи континуирано ги наводнуваат површините. Тврдат дека заради климатските промени се изложени на дополнителни трошоци.

Во струмичко се наводнуваат околу 1.400 хектари земјоделска површина од кои во моментов најмногу познатата ајварка, за која изминативе денови имаше протести за откупните цени.

Ване Трајков