Шеф на ОЈО-ГОКК ќе се избира на 28 октомври
На 28 октомври ќе се бира шеф на Основното јавно обвинителство за гонење криминал и корупција. Конкурсот ќе биде отворен за две недели. Во трка може да влезат само лица со шестгодишен стаж како обвинител со позитивни оценки во последните три години.

На непосредно и тајно гласање, на 28 октомври обвинителите ќе изберат шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Претседателот на највисокото обвинителско тело – Советот на јавните обвинители Башким Бесими го потпиша огласот кој ќе биде отворен 15 дена од неговата објава во Службен весник.
Од наследникот на Абази ќе се бара доказ за континуиран работен ангажман, но и исполнителност во работата.
„За Основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, може да биде избрано лице кое има непрекинат работен стаж од најмалку шест години како јавен обвинител до моментот на пријавување за именување и кој е со позитивна оценка во последните три години“, стои во огласот за избор на обвинител во ОЈО ГОКК.
Освен посебните услови, кандидатите ќе треба да докажат дека се државјани на Македонија, дека не им е одземена деловната способност, а треба да достават и диплома од факултет како и уверение за завршена Академија за судии и јавни обвинители.
Актуелниот шеф на Обвинителството кое по својата суштина гони висока корупција и криминал – Ислам Абази беше избран на 22 ноември 2022 година. Тој доби мнозинство гласови и ја наследи Вилма Рускоска која конкурираше за нов мандат. Од трката испаднаа и обвинителите Ермон Незири и Деса Пауновска.
Анита Димитријевска - Велковска
