Масовен украински напад врз Москва
Украина изведе еден од најмасовните напади со дронови врз Москва и околината во последните две години, тврди Русија, која соборила повеќе од 190 беспилотни летала. Пријавени се штети, пожари и повредени лица. Зеленски најави продолжување и засилување на украинските удари со долг дострел, додека Киев известува и за смртоносни руски напади врз Запорожје и Харков. Mосква пак се закани дека британската поддршка за Украина ќе има „последици“.

Украински дронови ја погодија Москва и околината. Според Русија ова е еден од најмасовните напади во последните две години. Противвоздушна одбрана соопшти дека соборила над 190 беспилотни летала. Погоден и магацин на најголемата руска компанија за онлајн-трговија, при што избувнал пожар. Дроновите оштетиле и други објекти, a најмалку три лица се повредени.
Зеленски пак, најави засилување на украинските единици и продолжување удари со долг дострел.
„Ги продолжуваме операциите со долг дострел. Приоритетите за длабоки удари до септември веќе се утврдени, а работиме и на обезбедување дополнителни финансии и ресурси за овие операции.“, изјави Володимир Зеленски -претседател на Украина.
Киев јавува за смртоносни руски удари врз Запорожје и Харков. Властите продолжуваат со проценка на последиците од нападот.
„Заминав само 20 минути пред нападот. Се јави сосетката и ми рече дека имало напад некаде во нашата област. Се вратив – соседната куќа гореше, а во нашата сè беше изгорено, сите прозорци беа скршени. Кровот беше оштетен однатре бидејќи беше прободен од дрон одозгора.“, рече жител.
Москва предупреди на последици за Велика Британија по извештаите за употреба на британски дронови за напади врз цели длабоко на руска територија.
„Постапките на Лондон неизбежно ќе имаат последици за што тој ќе мора да одговара“, соопшти руската амбасада. Оттаму предупредија дека колку е поголема вмешаноста во конфликтот и поддршката за Украина, толку повисока ќе биде цената што ќе ја плати Велика Британија.
Катерина Бојаџиева
