Муцунски: Амбасадорскиот совет во Скопје
Министерот Муцунски најави дека во четврток и петок во Скопје ќе се одржи Амбасадорскиот совет, на кој ќе учествуваат шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва на државата во странство.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски најави дека во четврток и петок во Скопје ќе се одржи Амбасадорскиот совет, на кој ќе учествуваат шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва на државата во странство.
Советот за првпат по 2019 година повторно ќе се одржи со физичко присуство на македонските амбасадори и генерални конзули. Во фокусот ќе бидат европската и евроатлантската агенда, геополитичките и безбедносните промени, регионалната стабилност, економската дипломатија и конзуларното работење.
Муцунски истакна дека целта е подобра координација, усогласување на позициите и поставување конкретни задачи за дипломатската мрежа.
Посебен акцент ќе биде ставен на економската дипломатија, односно привлекување инвестиции, зголемување на извозот, отворање нови пазари и поддршка на македонските компании.
На Советот ќе се разговара и за модернизација на конзуларните услуги, дигитализација и подобра комуникација со дијаспората.
Во рамките на настанот дипломатите ќе имаат средби со претседателката на државата, премиерот и претседателот на Собранието. Муцунски најави и посета на чешкиот министер за надворешни работи Петр Мацинка, со кого ќе се разговара за билатералните односи, европската перспектива и економската соработка.
