Земјава во портокалова фаза, ЦУК предупредува на висок ризик од пожари
Македонија денес се наоѓа во портокалова фаза што предупредува на висок ризик од пожари, на целат територија со исклучок на три локации. Во текот на вчерашниот ден, во земјава регистрирани беа 29 пожари, во моментов шест од нив се активни.

Речиси целата територија на Република Македонија е во портокалова зона, која предупредува на висок ризик од пожари исклучок има во три локации-на Шар Планина, во околината на Охрид и Ресен-кои се наоѓаат во жолта фаза која покажува, понамален односно среден метеоролошки индекс на пожари.
„Поради ваквите временски услов, постои висок ризик од појава и ширење на пожари на отворен простор и шумски пожари со висок интензитет на цела територија на РМ. Се апелира до граѓаните за максимална внимателност и одговорно однесување, особено при престој и движење во природа, да не се пали оган на отворен простор“-информираат од Центарот за управување со кризи.
Во текот на вчерашниот ден регистрирани се 29 пожари на отворен простор, благодарение на брзата реакција на пожарникарите и повеќечасовната борба-23 од нив се изгаснати. Најкритично беше во прилепското село Чаниште, каде огнот навлезе во селото, опожарени се неколку стари напуштени куќи, повредени лица нема. Селото беше спасено благодарение на прилепските и пожарникарите од ДПД архангел од Битола. Опасен беше и пожарот во општина Јагуновце.
Во овој момент активни сè уште шест пожари, кои не претставуваат опасност по населени места.
Денес топло и сончево со мала умерена облачност, попладне локална појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветар. Во следните денови температурата ќе се зголемува, а за викендот ќе достигне до 41 степен информираат од УХМР.
Александра Максимовска
