Дипломатија

Крум Ефремов - нов амбасадор на Македонија во Софија

18.08.2026 12:47

Подготовките за заминувањето на дипломатот Крум Ефремов за нов амбасадор на Македонија во Бугарија се во тек, потврди денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

Муцунски на прес-конференција информираше дека постапката за именување на амбасадор во Софија е во фаза во која името на кандидатот веќе може јавно да се соопшти.

Ефремов е искусен професионален дипломат, а во моментов ја извршува функцијата директор на Директоратот за економска дипломатија во Министерството за надворешни работи. Претходно беше амбасадор на Македонија во Украина.

„Во моментот течат подготовките за негово заминување во Софија“, рече Муцунски.

Министерот се осврна и на измените на Законот за надворешни работи, со кои е зголемен прагот за застапеност на професионални дипломати на амбасадорски и конзулски позиции.

Според новите законски одредби, најмалку 50 отсто од амбасадорите и генералните конзули треба да бидат професионални дипломати од Министерството за надворешни работи. Муцунски посочи дека во досегашната практика застапеноста е и над овој процент, односно над 60 отсто од кандидатите за амбасадори и генерални конзули предложени од актуелната Влада се професионални дипломати.

Во однос на информациите за можниот нов амбасадор во Атина, Муцунски рече дека засега не може да го соопшти името, бидејќи постапката сè уште е во класифицирана фаза.