Уште еден починат од западнонилска треска, има и нови суспектни случаи
Пациентот се лекувал 27 дена на клиниката, но и покрај напорите на медицинскиот кадар, вчера во попладневните часови тој починал.

Нова жртва на западнонилската треска. Како што соопшти директорот на Инфективната клиника, д-р Фадил Цана, станува збор за 76-годишен пациент кој на клиниката бил донесен во исклучително лоша состојба со невроинвазивна форма на болеста. Кај него бил потврден вирусот „Вест Најл“, а имал и пропратни заболувања. Пациентот се лекувал 27 дена на клиниката, но и покрај напорите на медицинскиот кадар, вчера во попладневните часови тој починал.
На Клиниката за инфективни болести хоспитализиран и 24-годишен пациент кај кого во моментот се вршат испитувања. Во изминатите два дена примени се и нови пациенти кои се третираат како суспектни случаи.
Во Министерството за здравство денеска се одржа координативен состанок за актуелната состојба со западнонилската треска, која бара интегративен пристап од сите институции за ефикасна превенција и контрола. Вирусот циркулира меѓу птиците и комарците, а преку убод се пренесува на луѓето.
Западнонилската треска засега е потврдена кај 35 пациенти, за уште неколку се чекаат резултатите.
