Драган Даутовски со концерт на Врбјанска Чука: Музика на местото каде што животот пулсирал пред 8.000 години
Настанот традиционално се одржува по завршувањето на археолошките истражувања на локалитетот, со цел културното наследство да се доближи до пошироката јавност, но и самиот археолошки простор да добие нов контекст како концертен амбиент.

Археолошкиот локалитет Врбјанска Чука во недела, 23 август, ќе стане сцена за концертот на Драган Даутовски, кој со своето музицирање на неолитската топчеста флејта ќе ја оживее атмосферата на предисторијата.
Концертот ќе започне во 18:30 часот, а ќе биде проследен со кратко предавање за неолитската населба Врбјанска Чука, како и за нејзината трансформација низ античкиот и средновековниот период.
Настанот традиционално се одржува по завршувањето на археолошките истражувања на локалитетот, со цел културното наследство да се доближи до пошироката јавност, но и самиот археолошки простор да добие нов контекст како концертен амбиент.
Организатори на концертот се Центарот за истражување на предисторијата, Прилепскиот џез викенд и Завод и музеј – Прилеп.
Со настанот се заокружуваат овогодишните археолошки ископувања на Врбјанска Чука.
