Сиљановска-Давкова: Армијата е фактор на стабилност, безбедност и доверба
Сиљановска-Давкова истакна дека Армијата ги исполнува НАТО-стандардите и ги претвора во сопствена практика, а нејзината улога е значајна за стабилноста и безбедноста на државата и Алијансата.

Армијата денес е високо организирана, професионална и интероперабилна сила, подготвена да одговори на современите безбедносни предизвици, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченоста по повод Денот на Армијата во Охрид.
Сиљановска-Давкова истакна дека Армијата ги исполнува НАТО-стандардите и ги претвора во сопствена практика, а нејзината улога е значајна за стабилноста и безбедноста на државата и Алијансата.
Таа нагласи дека јакнењето на националните одбранбени капацитети е клучно за поголем придонес кон заедничката безбедност, особено во услови на нови закани поврзани со сајбер-просторот и вештачката интелигенција.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски посочи дека модернизацијата на Армијата се одвива според планот. Веќе се испорачани возилата JLTV и Stryker, артилериските системи „Боран“ и најголемиот дел од системите „Мистрал 3“, а до крајот на годината се очекуваат и првите два нови хеликоптери.
Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, оцени дека Армијата ја потврдила својата оперативна подготвеност, особено преку вежбата „Блесок 26“ и успешното оценување на Лесната пешадиска баталјонска група.
На свеченоста беа доделени одликувања и признанија на армиски единици, институции и припадници на Армијата.
