Здравство

Почина уште еден пациент од западнонилска треска

18.08.2026 16:54

Во моментов, хоспитализирани се 20 пациенти со западнонилска треска од кои 18 се лабораториски потврдени случаи, додека два се водат клинички како сомнителни.

Почина уште еден пациент од западнонилска треска, четврта жртва на вирусот досега. Според директорот на Инфективна, пациентот се лекувал 27 дена на Клиниката, но поради сериозните заболувања на мозокот, ја изгубил битката.

Во моментов, хоспитализирани се 20 пациенти со западнонилска треска од кои 18 се лабораториски потврдени случаи, додека два се водат клинички како сомнителни.

Најмладиот пациент е 24 годишен.

На Интензивна нега се пет пациенти со потешка клиничка слика и кај нив се одвива лекувањето според сите клинички протоколи.

Во меѓу време, се засилува контролата на можните преносители на вирусот, со посебен фокус на дивите птици. Ако граѓаните забележат мртов гавран или птица да пријават во АХВ.

„Апелираме до јавноста да не се создава непотребна загриженост при појава на поединечна угината птица во урбана средина, вклучително и гаврани и други диви преселни птици. Граѓаните кои ќе забележат ваква невообичаена појава се повикуваат да ја известат надлежната служба и да избегнуваат директен контакт, допирање или преместување на угинатите птици“-стои во соопштението од АХВ.

Паралелно, во Скопје се спроведува 13-тата дезинсекција против комарци за оваа сезона.

Согласно со издадените налози, во раните утрински часови ќе се прска на 20 и на 21 август авионски, додека од 23 до 26 август ќе се реализира нова дезинсекција против возрасни форми на комарци. Сево ова е во согласност со Центарот за јавно здравје.

Зголемениот број заболени ги мобилизираше надлежните. Една од мерките е лична заштита, но и отстранување на застојаните води во дворовите и околината. Особено на базените кои се користат за рекреација, а ги има во местата со зголемен број заразени.

Пред една недела беше прогласена епидемија на западнонилска треска во пет скопски општини.

Борис Грујоски